Во Министерството за внатрешни работи се воведени измени во Правилникот за однесување и меѓусебни односи на вработените, со кои се дозволува полициските службеници да носат уредни бради и одредени тетоважи, под точно дефинирани услови.
Според официјалните информации, правилникот бил донесен на 4 мај 2026 година, а потоа по иницијатива на Гранскиот независен синдикат на полицијата бил предложен сет измени кои се однесуваат на надворешниот изглед на униформираните службеници. Предлогот бил образложен со практики од повеќе европски држави, каде ваквите стандарди веќе се применуваат.
По разгледување на иницијативата, измените биле прифатени на 1 јуни 2026 година, со што се направени корекции во повеќе членови од правилникот. Со тоа, на полицајците кои носат униформа им се дозволува да имаат брада, но исклучиво доколку таа е кратка, уредна и редовно одржувана, без да го нарушува професионалниот изглед и службениот авторитет.
Од МВР појаснуваат дека целта на измените е усогласување со современите практики, но истовремено и задржување на дисциплината, професионалноста и угледот на полициската служба. Дополнително се нагласува дека новите правила не значат целосна слобода, туку јасно дефинирани стандарди за изгледот на службениците.
Измените се однесуваат и на тетоважите. Според правилникот, униформираните полицајци не смеат да имаат тетоважи на видливи делови од телото при носење униформа, освен на горните екстремитети, под услов тие да не содржат навредлива, расистичка или вулгарна содржина што би можела да предизвика вознемиреност кај граѓаните или да го наруши угледот на Министерството.
Дополнително, прецизирани се и правилата за уредност: косата мора да биде потстрижена така што да не паѓа над ушите или јаката од униформата, додека брадата мора да биде кратка, рамномерно потстрижена, чиста и со јасно дефинирани контури на образите и вратот. Мустаќите не смеат да ја надминуваат горната усна, а дозволено е носење само на еден вид накит – прстен.
Од Независниот синдикат на полицијата посочуваат дека промените се резултат на нивни долгорочни барања и претставуваат чекор кон модернизација на условите за работа, вклучително и укинување на одредени ограничувања за користење мобилни телефони во одредени служби.
Во соопштението се нагласува дека во повеќе европски држави ваквите правила одамна се применуваат и дека новите измени претставуваат приближување кон тие стандарди, при што останува задолжителен професионалниот и уреден изглед на полициските службеници.






