ПРВ.мк
Свет

МАСОВНА ПОТРАГА: Исчезна тримесечно бебе, полицијата на нозе со хеликоптери и кучиња-трагачи!

МАСОВНА ПОТРАГА: Исчезна тримесечно бебе, полицијата на нозе со хеликоптери и кучиња-трагачи!

Полициската управа во Лудвигсбург соопшти дека тримесечно машко бебе исчезнало непосредно пред полноќ во Рeningeн. Според зборовите на истражителите, се уште нема конкретни траги каде би можело да се наоѓа детето.

Според извештајот, детето последен пат било видено во количка без надзор, а пријавата за исчезнување ја поднеле родителите, пренесува „Шпигел“. Портпаролот на полицијата за „Билд“ изјави дека бебето накратко било оставено без надзор, по што непознато лице го подигнало од количката и го однело.

Криминалистичката полиција и јавното обвинителство во Штутгарт покренаа истрага во сите правци, а деталите за точното место на исчезнувањето се уште не се објавени.

Масовна потрага со дронови и термовизиски камери

Во потрагата по бебето досега се вклучени 40 кучиња-трагачи за пребарување на теренот, неколку хеликоптери и дронови со термовизиски камери. Ангажирани се и локалниот Црвен крст, противпожарната служба и Цивилната заштита.

„Времето е од суштинско значење. Се надеваме дека детето е добро, но доколку е немоќно некаде на оваа горештина, тоа би било многу лошо. На почетокот мора да се обидеме со сите можни средства“, изјави портпаролот на полицијата на терен.

Полицијата во Лудвигсбург апелираше до јавноста да не организира приватни потраги на своја рака, со цел да не се попречува работата на полициските кучиња кои го следат мирисот.