Италијанскиот фудбал изгуби едно од своите најпрепознатливи имиња – поранешниот напаѓач Игор Проти почина на 59-годишна возраст, по борба со тешка болест која подоцна се проширила на ‘рбетот.
Веста за неговата смрт беше потврдена преку неговиот официјален профил на Инстаграм, каде семејството објави дека Проти починал во текот на ноќта, во согласност со неговата последна желба.
Во емотивната објава, семејството ги пренесе и неговите последни зборови, во кои тој го опиша својот живот како „патување што стигна до последниот свиреж“, споредувајќи ја својата животна приказна со фудбалски натпревар.
Во пораката, Проти им изрази благодарност на своето семејство, пријателите и навивачите, нагласувајќи дека љубовта и поддршката што ја добивал низ кариерата му значеле сè.
„Се надевам дека ова е повеќе за повторно гледање отколку за збогум“, стои во неговото проштално обраќање, кое силно одекна меѓу фудбалската јавност.
Проти јавно ја открил својата дијагноза во јули 2025 година, а веќе неколку месеци подоцна болеста напредувала и се проширила. И покрај тешката состојба, тој успеал да доживее еден од најемотивните моменти во својот приватен живот – да ја прошета својата ќерка до олтарот на нејзината свадба.
За време на својата кариера, Проти настапуваше за повеќе италијански клубови, меѓу кои Ливорно, Месина, Бари, Наполи и Лацио, оставајќи значаен белег во италијанскиот фудбал.
Тој останува запаметен како еден од ретките фудбалери во историјата кои успеале да бидат најдобри стрелци во сите три највисоки италијански лиги – Серија А, Серија Б и Серија Ц, подвиг кој го дели само со уште едно име во фудбалската историја.
Најголем индивидуален успех во Серија А го постигна во сезоната 1995/96, кога со 24 постигнати голови беше најдобар стрелец, иако неговиот тим Бари таа сезона испадна од елитата – ретка и парадоксална ситуација во фудбалот.
Во најсилната италијанска лига одигра 144 натпревари и постигна 48 голови, со што остави длабока трага во историјата на натпреварувањето.







