Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против вкупно 27 лица поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба.
Меѓу пријавените е и вработена во Одделението за управни работи Скопје, која се сомничи дека во периодот од септември 2020 до август 2026 година, користејќи ја службената шифра и овластувањата, интервенирала во електронскиот систем и внесувала категории за кои барателите не ги исполнувале законските услови.
Според МВР, во одредени случаи таа менувала веќе креирани барања од други вработени, а во други ги отфрлала постојните и креирала нови. По ваквите интервенции биле одобрувани и издавани возачки дозволи со невистинита содржина.
Истрагата покажала дека на овој начин 21 лице добило возачки дозволи со незаконски внесени категории, додека во еден случај постапката останала во обид.
МВР утврдило и дека четири лица имале улога на посредници. Според сомненијата, тие наоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената во Министерството и ја координирале постапката до внесувањето и одобрувањето на категориите.
Дополнително, шест лица ги употребиле спорните возачки дозволи при преминување на државната граница, а две од нив ги користеле и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за меѓународен превоз на патници и стоки.
За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ и уште едно такво дело во обид. Кривични пријави се поднесени и против останатите лица за кои постои сомнение дека учествувале во незаконските постапки.
Од МВР информираат дека истата вработена претходно била отстранета од Министерството поради друга кривична пријава поврзана со злоупотреби при издавање лични документи, но во јануари 2025 година, врз основа на судска пресуда, била вратена на работното место.
За случајот е известено и Министерството за транспорт, од каде е побаран вонреден надзор и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати. Против вработената ќе биде поведена и дисциплинска постапка и ќе биде суспендирана од работното место.







