Управата за финансиска полиција открила даночно затајување тешко 7.426.323 денари, по што до Основното јавно обвинителство Скопје била поднесена кривична пријава против две физички лица – управители на фирма, како и против самото правно лице.
Според информациите од Финансиската полиција, станува збор за лицата М. Ш. и Ж. Р., кои во својство на управители, во подолг временски период, наводно постапувале спротивно на законските обврски со цел да стекнат противправна имотна корист. Тие се сомничат дека не пресметале, не пријавиле и не платиле данок на добивка во висина од 7.200.200 денари, како и данок на личен доход во износ од 226.123 денари.
Во истрагата било утврдено дека за 2020 година бил поднесен даночен биланс со неточни и лажни податоци за добивката, додека за 2021 и 2022 година воопшто не биле доставени даночни биланси, иако според сметководствената документација и финансиските извештаи фирмата прикажувала финансиски резултати.
Дополнително, според наводите на Финансиската полиција, од банкарските сметки на компанијата биле подигнувани пари по различни основи, а биле реализирани и плаќања кои немале никаква поврзаност со дејноста на фирмата. За дел од тие трансакции, како што се наведува, не постоела никаква економска оправданост ниту соодветна документација во сметководствената евиденција.
Со цел да се прикријат активностите, пријавените не поднеле ниту завршни сметки за 2022, 2023 и 2024 година до Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Надлежните институции посочуваат дека со овие постапки бил оштетен Буџетот на државата, а целиот предмет веќе е предаден на обвинителството кое ќе треба да одлучува за понатамошните чекори и евентуалната одговорност на пријавените лица.







