Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија (Управа за техника, Служба за борба против високотехнолошки криминал), поднесоа кривични пријави до Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград против правните лица „Network manager“ д.о.о. Панчево и „Speed net” д.о.о. Угриновци.
Кривични пријави се поднесени и против одговорните лица во овие фирми, В. П. (55) и В. B. (45), поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „неовластено користење на авторско дело или предмет на сродно право“, со тоа што во подолг временски период неовластено давале услуги за кабелска телевизија.
Полициските службеници, во координација со Вишото јавно обвинителство и по наредба на Вишиот суд во Белград, извршиле претрес во деловните простории на наведените компании каде што пронашле докази кои укажуваат на незаконско реемитување на телевизиски содржини и неовластено давање услуги за кабелска телевизија, со што биле оштетени носителите на авторските и сродните права.
„Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со работата на откривање и сузбивање на ваквите видови високотехнолошки криминал, со акцент на заштитата на авторските и сродните права и спречувањето на нелегалното емитување медиумски содржини“, соопштуваат од МВР.








