Министерот за здравство Сашо Клековски присуствуваше на свеченоста по повод патрониот празник на Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, каде што оствари средби со раководството, вработените и поранешните вработени во здравствената установа.
Клековски им го честиташе празникот на сите вработени и им се заблагодари за нивната секојдневна посветеност, професионалност и грижа за пациентите.
Министерот посочи дека ГОБ „8-ми Септември“, позната и како „Стара воена“, е меѓу болниците кои често ги посетува, нагласувајќи ги новините и подобрувањата што се реализирани под раководство на директорот д-р Синиша Стојаноски.


„Болницата ја има целосната поддршка на Министерството за здравство да се врати на својата позиција на водечка болница во Скопје и Македонија“, порача Клековски.
Од Министерството се нагласува определбата за натамошно унапредување на здравствените капацитети и создавање посилен и подостапен здравствен систем за сите граѓани.

Клековски порача дека заедничката работа со здравствените работници и раководствата на установите останува еден од клучните предуслови за подобрување на услугите што ги добиваат пациентите.









