Министерството за внатрешни работи информира дека денеска во централното градско подрачје на Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, по повод одбележувањето на Денот на независноста.
На Националната арена „Тодор Проески“, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи музички настап, поради што полицијата ќе преземе посебни мерки на сообраќајниците во непосредна близина.
„По повод државниот празник – Ден на независноста на Република Северна Македонија, со почеток во 19:00 часот ќе се одржи музички настап на Националната арена „Тодор Проески“ и поради тоа Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на приодите кон арената и булеварот „Илинден““, соопшти МВР.
Од СВР Скопје апелираат до возачите и останатите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.








