На граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница полицијата приведе 38-годишен албански државјанин, кој бил баран со меѓународна потерница од Интерпол – Унгарија.
Приведувањето се случило вчера во 15:05 часот, при пасошка и гранична контрола, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи – Охрид. Лицето, идентификувано како А.Б., е пренесено во Одделението за внатрешни работи – Дебар за понатамошна постапка.
На истиот премин минатиот месец беше лишен од слобода и 44-годишен албански државјанин, Ј.В., кој исто така бил баран преку Интерпол, но од Луксембург.
Македонската полиција нагласува дека соработката со меѓународните полициски организации, како Интерпол, продолжува за навремено откривање и апсење на лица со меѓународни потерници.

















