Во две одвоени полициски акции што се случиле вчера, кочанската полиција привела вкупно три лица кај кои била пронајдена дрога, опрема за нејзино пакување и предмети што се сомничат дека потекнуваат од кривично дело.
Првиот случај е регистриран во 15:40 часот во Кочани, кога полициски службеници од СВР Штип – ОВР Кочани го лишиле од слобода 22-годишниот Б.Д. од Кочани. На место викано „Индустриска зона“, полицијата извршила преглед врз лицето и возилото „БМВ“ со кочански регистарски таблички, кое го управувал. При прегледот биле пронајдени и одземени марихуана, грендер исполнет со марихуана и дигитална вага. Дополнително, по судска наредба бил извршен претрес и во неговиот дом, каде биле пронајдени и одземени уште марихуана и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со извршување на кривични дела.
Вториот случај се случил истиот ден во 22:00 часот, во селото Грдовци, кочанско. Полициски службеници од ОВР Кочани го запреле патничкото возило „Фолксваген голф“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал 32-годишниот Г.П. од Виница, додека сопатник во возилото бил 29-годишниот А.А., исто така од Виница. За време на контролата, било забележано како А.А. фрла пакување со марихуана надвор од возилото. Пакувањето било пронајдено и одземено. При дополнителен преглед на возилото, полицијата пронашла и одзела и бела прашкаста материја, дополнителна количина марихуана и грендер.
Трите лица биле задржани во полициска станица, а по координација со јавен обвинител, со нив бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.


