ПРВ.мк
Македонија

УХМР предупредува на нов бран невреме: Денешното невремето остави зад себе повредени и огромна материјална штета во Скопје

УХМР предупредува на нов бран невреме: Денешното невремето остави зад себе повредени и огромна материјална штета во Скопје

Силното невреме што попладнево го зафати Скопје остави зад себе 15 повредени лица, огромна материјална штета и илјадници повици до службите за итни случаи.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во периодот од 17:00 до 21:00 часот на бројот 112 биле примени повеќе од 8.300 повици, поради што биле ангажирани и дополнителни оператори за да одговорат на зголемениот број пријави.

Од повредените, девет лица биле згрижени на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, а шестмина на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, информираше дека две лица имаат потешки повреди – една жена со повреда на главата е хоспитализирана на Неврохирургија, додека друга е со скршена рака.

Во Клиниката „Св. Наум Охридски“ повредените главно имаат посекотини и набиеници. Тројца по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, а останатите биле под дополнителни испитувања. Дел од повредите се последица на паднати дрвја, лимови од покриви и керамиди.

Материјална штета претрпе и Градската општа болница „8 Септември“, каде најмногу е оштетена кровната конструкција, а точниот обем на штетата ќе биде утврден по официјален увид.

Во меѓувреме, УХМР предупреди дека нов атмосферски систем од Албанија и Косово се движи кон Македонија, со можност за пообилни врнежи и град.

Од ЦУК апелираат граѓаните да останат смирени и доколку не успеат веднаш да стапат во контакт со бројот 112, материјалните штети да ги пријават и во текот на утрешниот ден, кога сите пријави ќе бидат евидентирани и проследени до надлежните служби.