Во исклучително емотивна атмосфера, вечерва на платото пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ бројни граѓани се собраа за да му оддадат последна почит на еден од најголемите македонски музички автори и изведувачи – Владо Јаневски.
Фанови од сите генерации, со запалени свеќи, тишина и неговите безвременски песни, се потсетија на богатото музичко наследство што го остави зад себе. Собирот беше исполнет со силни емоции, а многумина не можеа да ги сокријат солзите додека ги пееја стиховите што со години беа дел од нивните животи.
Меѓу присутните беше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој преку емотивна порака му се заблагодари на Јаневски за сè што остави зад себе. Тој истакна дека Владо не бил само музичар, туку симбол на љубовта кон Скопје, Македонија и луѓето, додавајќи дека неговите песни ќе продолжат да живеат во срцата на народот.
Ѓорѓиевски посебно ја истакна и благодарноста за, како што рече, „победничката химна за Скопје“, нагласувајќи дека легендите никогаш не заминуваат, туку остануваат преку своето дело.
Вечерниот собир уште еднаш покажа колку длабока трага остави Владо Јаневски во македонската музика. Неговите песни и понатаму ќе бидат дел од спомените, емоциите и животите на генерации кои растеле со неговата музика.









