ПРВ.мк
Македонија

Европскиот парламент со поддршка за Македонија – Вајц повика на забрзување на реформите!

Европскиот парламент со поддршка за Македонија – Вајц повика на забрзување на реформите!

Европскиот парламент денеска го усвои годишниот извештај за напредокот на Северна Македонија со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“, испраќајќи позитивен сигнал за европската перспектива на земјата.

Известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, порача дека Европската Унија треба да продолжи да го наградува напредокот на земјите од Западен Балкан и оцени дека, по Црна Гора и Албанија, следна на листата за членство треба да биде Северна Македонија.

„Прво Црна Гора, потоа Албанија, а мислам дека следна на листата треба да биде Северна Македонија“, изјави Вајц, додавајќи дека земјата покажала напредок кој заслужува признание.

Тој нагласи дека е неопходен поширок политички консензус меѓу власта и опозицијата за спроведување на реформите што ќе го забрзаат европскиот пат на државата.

Во рамките на дебатата за европската иднина на Западен Балкан, еврокомесарката за проширување Марта Кос истакна дека постои реален прозорец на можности за напредок кон членството во Европската Унија и ги повика сите земји од регионот да ги искористат шансите преку исполнување на реформските обврски.

Покрај извештајот за Северна Македонија, Европскиот парламент денеска ги усвои и извештаите за Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, додека извештајот за Србија се очекува да биде разгледуван во јули.