Пензионерите во Македонија со октомвриската исплата треба да добијат повисоки пензии, а износот на зголемувањето ќе зависи од висината на пензијата што ја примаат.
Според најавите од министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, септемвриските пензии, кои се исплаќаат на 1 октомври, се очекува да бидат зголемени меѓу 3 и 3,5 проценти.
За разлика од претходните линеарни покачувања, овојпат усогласувањето е процентуално, што значи дека пензионерите нема да добијат ист износ во денари.
Доколку конечната стапка на усогласување изнесува 3 проценти, пензионер кој сега прима 20.000 денари би добивал 20.600 денари, односно 600 денари повеќе месечно.
Кај пензија од 25.000 денари, зголемувањето би изнесувало 750 денари, па новата пензија би била 25.750 денари. Пензија од 30.000 денари би се зголемила за 900 денари, на 30.900 денари.
За пензија од 40.000 денари зголемувањето би било 1.200 денари, односно новиот износ би достигнал 41.200 денари, додека пензија од 50.000 денари би пораснала за 1.500 денари, на вкупно 51.500 денари.








