ПРВ.мк
Македонија

Еве колкава е излезеноста до 15 часот – изборниот ден поминува мирно и без нерегуларности

Еве колкава е излезеноста до 15 часот – изборниот ден поминува мирно и без нерегуларности

Излезеноста на гласачите на локалните избори до 15 часот изнесува 31,34% на ниво на државата, информираше Државната изборна комисија (ДИК) на попладневната прес-конференција. Овој процент е добиен врз основа на податоци од 3.444 избирачки места, што претставува 99,14% од вкупниот број избирачки места низ државата.

Според објавените информации на веб-страницата на ДИК, од 1.832.415 запишани избирачи, до 15:00 часот своето право на глас го искористиле 570.727 граѓани.

Каде е најголема, а каде најмала излезеноста?

Највисока излезеност до 15 часот е забележана во следниве општини:

  • Чашка – 53,19%
  • Новаци – 52,84%
  • Ранковце – 48,24%
  • Македонски Брод – 48,21%

Најниска излезеност, пак, е регистрирана во:

  • Врапчиште – 14,94%
  • Центар Жупа – 17,12%
  • Шуто Оризари – 23,01%

Во Град Скопје, излезеноста до 15 часот е 31,50%, што е во рамки на просекот на ниво на држава. Највисока излезеност во скопските општини има:

  • Сарај – 36,32%
  • Чаир – 35,59%
  • Шуто Оризари останува најслаба со – 23,01%

Нема пријавени неправилности

ДИК соопшти дека досега не се евидентирани никакви пријави за изборни нерегуларности на гласачките места. Според портпаролката на Комисијата, гласањето тече мирно и без поголеми проблеми, а сите избирачи можат непречено да го остварат своето избирачко право.

Технички проблем во Карпош – се премина на стариот начин на гласање

Иако немало неправилности, беше евидентиран технички проблем на едно избирачко место во општина Карпош. Имено, се заглавила SIM-картичката во уредот за биометриска идентификација, по што е донесена одлука да се премине на идентификација со УВ-лампа и спреј, како што беше пракса пред воведувањето на биометриските системи.

„Со оваа одлука не се ускратува правото на глас на ниту еден граѓанин. Сите избирачи на ова место ќе може да гласаат согласно старите правила“, изјави портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска.

Очекувања за финалниот одѕив

ДИК ќе продолжи со следење на процесот и ќе објавува податоци во реално време на својата веб-страница. Наредната прес-конференција за излезеноста се очекува да се одржи пред затворањето на избирачките места, кога ќе се даде и последен преглед за текот на изборниот ден.

Escape