ПРВ.мк
Македонија

Владата нуди до 20.000 евра за самовработување – бонус и за повратниците од странство

Владата нуди до 20.000 евра за самовработување – бонус и за повратниците од странство

Грантовите за самовработување годинава ќе бидат достапни и за младите иселеници кои сакаат да се вратат во Македонија и да започнат сопствен бизнис. За оваа категорија е предвиден и дополнителен бонус од 10 проценти над основниот износ на грантот, беше соопштено при промоцијата на мерките во Кичево.

За време на презентацијата, еден граѓанин кој планира да се врати од Германија побара појаснување дали може да аплицира, бидејќи веќе има регистрирана компанија, но таа сè уште не започнала со работа. Од надлежните му било објаснето дека има право да аплицира како физичко лице во рамките на програмата за поддршка на вработувањето.

Заменик-министерот за економија Марјан Ристески информираше дека мерката е поделена во три категории. Лицата до 29 години можат да добијат грант до 10.000 евра, лицата над 29 години до 7.000 евра, а двајца млади кои заеднички ќе основаат бизнис можат да добијат вкупно до 20.000 евра.

Од Агенцијата за вработување посочија дека право на користење на средствата немаат земјоделците, како и лицата што планираат дејности поврзани со оружје, финансиски услуги, обложувалници, казина и приватни агенции за вработување.

Основен услов за аплицирање е кандидатот да биде невработен и евидентиран како активен барател на работа во Агенцијата за вработување.