По повеќе од една деценија прекин, нафтоводот Солун–Скопје, сега преименуван во цевковод за преработени нафтени деривати, се очекува да се врати во употреба до крајот на оваа година, објави Радио Слободна Европа.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Владата ги спроведува сите потребни чекори за негово активирање, вклучувајќи инспекции, тестови за притисок и усвојување на ценовникот.
Цевководот ќе транспортира исклучиво преработени нафтени деривати, првенствено дизел гориво, од терминалите на грчката HELLENiQ Energy (поранешен „Хеленик Петролеум“) до рафинеријата ОКТА во Скопје.
Со должина од околу 213 километри, цевководот има капацитет за транспорт на 2,5 милиони тони гориво годишно. Транспортот ќе чини 20 евра по тон, што при полн капацитет би донело околу 50 милиони евра годишно. Приходите ќе се делат преку заедничкото претпријатие „Вардакс“, каде HELLENiQ Energy има 80% удел, а македонското државно претпријатие „Нафтовод“ 20%. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) му издаде лиценца на „Вардакс“ со важност до 2058 година.
Реактивирањето на цевководот, чија изградба започна во 1999 година, предизвика политичка контроверзност. ВМРО–Народна партија обвини дека проектот е одложуван со години за да се помогне на Србија во нафтената криза. Премиерот Мицкоски ги отфрли овие обвинувања, нагласувајќи дека улогата на Владата е обезбедување инфраструктура и регулатива, а не директно снабдување.
Професорот Дејан Трајковски посочува дека цевководниот транспорт е најсоодветен начин за пренос на гориво, нудејќи поголема безбедност и пониска цена во споредба со транспортот со цистерни.
Рестартирањето следи по три арбитражни постапки во Париз поврзани со договорот за ОКТА, при што Северна Македонија беше принудена да исплати отштета, вклучувајќи и пресуда од 21,47 милиони евра во декември 2022 година.
















