ПРВ.мк
Македонија

Големи промени за тротинетите - Еве што предлага МВР!

Големи промени за тротинетите - Еве што предлага МВР!

Министерството за внатрешни работи подготвува измени на законската регулатива со кои се предвидуваат построги правила и повисоки казни за корисниците на електрични тротинети. Предлог-измените ќе бидат доставени до Собранието преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека предложените мерки се резултат на анализи изработени од експерти и стручните служби на МВР, со цел да се намали бројот на сообраќајни незгоди и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Според Тошковски, акцентот ќе биде ставен на најмладите возачи, бидејќи статистиката покажува дека најголем дел од несреќите со електрични тротинети ги предизвикуваат лица на возраст до 17 и 18 години.

„Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите“, изјави министерот.

Како најчести причини за сообраќајните незгоди се наведуваат некористење заштитна кацига, непочитување на сообраќајните правила и превезување повеќе лица на еден тротинет.

Во рамки на законските измени се разгледува и можноста за зголемување на минималната возраст за управување со електричен тротинет. Надлежните сметаат дека оваа мерка ќе придонесе за поголема безбедност и ќе го намали ризикот од сообраќајни незгоди.

Од МВР нагласуваат дека, покрај законските измени, клучна улога има и одговорното однесување на сите учесници во сообраќајот, како и доследното почитување на сообраќајните прописи.