Четириесет и четиригодишна жена од неготинското село Долни Дисан пријавила во полиција дека била измамена за 49.087 денари, откако преку социјална мрежа стапила во контакт со лице кое ѝ ветило дека ќе ѝ обезбеди кредит.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, жената во неколку наврати уплатила пари за наводни трошоци поврзани со одобрување на кредитот.
По извршените уплати, ветениот кредит не бил реализиран, по што сфатила дека станува збор за измама и случајот го пријавила во Одделението за внатрешни работи Неготино.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.
Полицијата повторно апелира граѓаните да бидат внимателни при договарање финансиски услуги преку социјални мрежи и да не уплаќаат пари однапред на непроверени лица или компании.









