ПРВ.мк
Македонија

Државата распродава стотици конфискувани возила: Еве кој може да ги купи и под кои услови

Државата распродава стотици конфискувани возила: Еве кој може да ги купи и под кои услови

Агенцијата за управување со одземен имот ќе понуди на продажба 990 хаварисани возила, кои нема да можат повторно да се користат во сообраќај, туку ќе имаат третман исклучиво како отпаден материјал.

Станува збор за различни видови подвижни предмети – патнички и товарни моторни возила, мотоцикли, трактори и приколки. Целиот пакет е проценет врз основа на проценките изработени од Бирото за судски вештачења при Министерството за правда.

Почетната цена на електронското јавно наддавање изнесува 13 денари за килограм старо железо, без ДДВ. Точната тежина ќе биде утврдена при преземањето со мерење и кантарски белешки, по што ќе биде пресметана и конечната сума.

Електронската лицитација е закажана за 21 август 2026 година во 10 часот.

Право на учество немаат физички лица. Наддавањето е наменето за правни лица кои ги поседуваат потребните дозволи за управување, собирање и преработка на ваков вид отпад. Компаниите треба да располагаат и со соодветна механизација, меѓу која камиони со грејфер и преса за балирање.

За учество е потребен депозит од 1.287.000 денари, што претставува 10 проценти од ориентационата вредност на возилата.

Документацијата и пријавата за учество треба да бидат доставени најдоцна до 19 август во 14 часот.

Најповолниот понудувач ќе има рок од 15 дена по завршувањето на постапката да склучи договор за продажба. Пред потпишувањето ќе треба да обезбеди и банкарска гаранција од 1.930.500 денари, односно 15 проценти од ориентационата вредност.

Избраниот купувач ќе има 75 дена од потпишувањето на договорот да ги подигне сите предмети. Трошоците за преземање и транспорт од плацовите на Агенцијата ќе бидат на негов товар.

Купувачот ќе биде должен со преземените возила да постапува согласно законските прописи за управување со отпад. Тоа значи дека возилата се продаваат за третман и рециклирање како отпаден материјал, а не за нивно враќање на патиштата.