Синоќа околу 17:25 часот, голем пожар ја зафати магацинската база на ЈПКД „Комуналец“ во Струмица, предизвикувајќи опасна и напната ситуација, потврдија од Територијалната противпожарна единица – Струмица (ТППЕ).
Во интервенцијата беа вклучени четири противпожарни возила и 15 пожарникари, кои се бореа со разгорени пламени јазици во магацинските простории, додека силен дожд дополнително ја усложни состојбата.
Опасност за животите на пожарникарите
Од ТППЕ Струмица соопштија дека пожарот бил во напредна, разгорена фаза, што значително го отежнало неговото гаснење. Заради високата опасност од струен удар, беше побарано од ЕВН да ја исклучи електричната енергија во објектите, бидејќи пожарникарите веќе беа длабоко навлезени во магацините, каде што се бореа со огнената стихија.
Паралелно со гаснењето, друг тим пожарникари се искачи на кровот, при што во опасни услови и дожд, успеа да го отвори лимениот покрив и да овозможи чадот да излезе од објектот, што значително помогна во стабилизирањето на ситуацијата.
Голема материјална штета, дежурство на терен
Иако пожарот беше ставен под контрола, штетите врз магацинските објекти се сериозни. Засега нема информации за повредени, но материјалната штета е голема, а прецизна проценка допрва треба да се направи.
Тим на ТППЕ Струмица дежураше на местото на настанот и во текот на ноќта, со цел да спречи евентуално повторно појавување на жаришта и да обезбеди безбедност во објектите на комуналното претпријатие.







