Шестмина вработени во Државното средно стручно училиште „Моша Пијаде“ во Тетово побарале лекарска помош откако вдишале чад при интервенција за гаснење пожар во училишниот објект.
Според првичните информации, пожарот избувнал во една кабина од машкиот тоалет, во утринските часови околу 9:50 часот. Вработените реагирале брзо и успеале сами да го локализираат и изгаснат огнот пред тој да се прошири на други простории во училиштето.
Во интервенцијата биле употребени противпожарни апарати и хидранти, со што е спречено поголемо ширење на пожарот и потенцијална поголема материјална штета.
Сепак, поради густиот чад кој се развил за време на гаснењето, шестмина вработени – Н.Р., И.П., М.С., А.З., Б.К. и Г.М. – почувствувале здравствени тегоби и биле пренесени во Клиничкиот центар во Тетово за укажување медицинска помош.
Надлежните служби информираат дека засега не е позната причината за избувнувањето на пожарот, а увид на лице место ќе треба да утврди како дошло до инцидентот.
Иако ситуацијата брзо била ставена под контрола, случајот повторно отвора прашања за безбедноста во училишните објекти и реакцијата во итни ситуации.






