Комитетот на постојани претставници на Европската Унија (Корепер) ја одобри одлуката на Советот на ЕУ со која се отвора пат за преговори за воведување на програмата „Роаминг како дома“ за земјите од Западен Балкан.
Со оваа иницијална одлука се прави чекор кон можноста граѓаните од регионот да ги користат своите мобилни тарифи – вклучувајќи минути за разговори, SMS пораки и интернет – без дополнителни роаминг трошоци при патување, слично како што тоа веќе функционира во рамки на Европската Унија.
Како што е најавено, конечната формална одлука треба да биде усвоена во четврток од страна на Советот на ЕУ, по што би се отворил процесот за преговори за конкретните договори и техничка имплементација.
Од кипарското претседателство со ЕУ порачаа дека ваквиот чекор претставува силен сигнал на поддршка за регионот и неговата европска перспектива.
Во нивната изјава се нагласува дека проширувањето на концептот „Роаминг како дома“ е доказ за посветеноста кон Западен Балкан и дека претставува конкретна придобивка за граѓаните во секојдневната комуникација при патувања.
Иако одлуката е важен политички сигнал, следните фази вклучуваат усогласување и прецизни договори меѓу ЕУ и земјите од регионот, по што би се утврдиле условите и роковите за практична примена на мерката.








