ПРВ.мк
Македонија

ШОК ВО СЕКТОРОТ ИГРИ НА СРЕЌА: Здружението „Сакам да работам“ со жестока реакција – тврдат дека се игнорираат над 10.000 вработени!

ШОК ВО СЕКТОРОТ ИГРИ НА СРЕЌА: Здружението „Сакам да работам“ со жестока реакција – тврдат дека се игнорираат над 10.000 вработени!

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ испрати остро реагирање по повод предложените измени на Законот за игри на среќа, обвинувајќи дека институциите не ги вклучуваат засегнатите страни во процесот на консултации, за разлика од други сектори.

Во реакцијата тие прават споредба со процесот на носење на Законот за заштита од пушење, за кој, како што наведуваат, се одржани консултации меѓу извршната власт, еснафските здруженија и претставници од тутунската индустрија со цел постигнување компромис. Од друга страна, според здружението, кај предлог-законот за игри на среќа таков пристап изостанува.

„Слушнавме дека Предлог законот за заштита од пушење поминал серија консултации на извршната власт со еснафските здруженија и претставниците од тутунската индустрија за да постигнат компромис. За разлика од овој пристап, за Предлог законот за игри на среќа, извршната власт постапува обратно и ги игнорира засегнатите страни, иако станува збор за економски сектор кој вкупно гледано е најголем приватен работодавец во Македонија. За жал, никој од надлежните не смета дека ние вработените кои секојдневно ја спроведуваме регулативата за игри на среќа треба да дадеме идеи и предлози за подобар закон“, се наведува во реакцијата.

Здружението посочува дека со години се чувствуваат како заложници на политички одлуки и кампањи, при што, како што тврдат, нивната егзистенција и работни места се постојано под ризик. Тие наведуваат дека осум години живеат во неизвесност, заедно со своите семејства, со страв од губење на работата, кредити и финансиска нестабилност.

Во реакцијата се додава дека дел од вработените се соочуваат и со тешки лични последици, вклучително и хипотеки и планови за иселување од државата, како што наведуваат, поради несигурноста во секторот.

„Ние не сме гости во сопствената држава“, се наведува во реакцијата, во која се поставуваат и прашања до институциите зошто, според нив, се игнорираат над 10.000 вработени во индустријата на игри на среќа.

Од здружението прашуваат дали причината за ваквиот однос е тоа што поголемиот дел од вработените се Македонци и дали, како што велат, станува збор за политички или етнички мотиви. Тие исто така реагираат на, како што ја нарекуваат, негативната кампања против нивниот сектор и предупредуваат дека затворањето на легалните објекти може да доведе до појава на нелегални објекти, каде младите би биле изложени на ризик.

„До кога легалните игри на среќа и вработените ќе страдаат заради негативната кампања на дежурните критичари, кои никогаш нема да преземат одговорност кога ќе се отворат играчници на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел?“, прашуваат од здружението.

Тие додаваат дека се подготвени да ги користат сите демократски средства за заштита на своето право на работа и бараат од надлежните институции јасен одговор за иднината на секторот и вработените.

Во реакцијата се поставува и прашањето каде би можеле да се пренасочат илјадниците работници со обука и искуство доколку дојде до промени во законската регулатива.

Во целата реакција се пренесуваат и делови од нивните пораки во кои велат:

„Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека може да печалат гласови преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч, неизвесност, заедно со нашите семејства се тресеме дали ќе останеме на улица, со нецелосно исплатени кредити, со активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство.“

Тие дополнуваат дека се чувствуваат неправедно третирани во однос на други професии и посочуваат дека бараат еднаков институционален третман и дијалог со надлежните органи.

„Како здружение сме подготвени со сите демократски средства да го заштитиме нашето уставно загарантирано право на работа. Надлежните кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа ни должат одговор каде ние да се вработиме, со поминати професионални обуки и работно искуство за приредување игри на среќа по највисоки светски и европски стандарди“, се наведува во реакцијата на Здружението „Сакам да работам“.