Нов случај на врсничко насилство е пријавен во Скопје, откако 17-годишна ученичка била физички нападната во средно училиште на подрачјето на Карпош.
Според информациите од СВР Скопје, случајот бил пријавен на 18 мај во 19:15 часот од страна на 45-годишниот О.С. од Скопје, татко на девојчето.
Тој во пријавата навел дека околу 14:30 часот неговата 17-годишна ќерка била нападната од нејзин соученик во просториите на училиштето.
Според пријавеното, момчето подолг временски период психички ја малтретирало ученичката, а ситуацијата на крај ескалирала и со физички напад.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, како и утврдување на сите околности поврзани со инцидентот.
Случајот повторно ја отвори темата за врсничкото насилство во училиштата, особено кога психичкото малтретирање трае подолг период пред да прерасне во физички напад.








