Нова телефонска измама ја потресе јавноста, откако 58-годишна жена од велешко останала без околу 4.000 евра, верувајќи дека нејзината ќерка итно треба да биде оперирана во болница.
Според информациите од СВР Велес, случајот бил пријавен вчера, откако жената сфатила дека била жртва на добро организирана измама.
Како што наведува полицијата, таа добила телефонски повик од лице кое се претставило како лекар од Општата болница во Велес. Во разговорот ѝ било кажано дека нејзината ќерка има сериозна скршеница и дека е потребна итна операција за која треба веднаш да се обезбедат пари.
Измамникот ѝ дал инструкции парите да ги донесе во дворот на болницата, каде што, според пријавата, ја пречекало женско лице на кое му ги предала средствата.
Дури подоцна жената сфатила дека станува збор за измама, по што случајот бил пријавен во полиција.
Од СВР Велес информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и идентификување на лицата кои стојат зад измамата.
Полицијата повторно апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни со телефонски повици во кои се бараат пари за наводни итни медицински интервенции, особено кога станува збор за повици што создаваат паника и притисок за брза реакција.








