Министерството за образование и наука (МОН) го објави конкурсот за сместување во државните и приватните студентски домови за академската 2026/2027 година. На располагање се вкупно 3.498 легла, а висината на месечната партиципација ќе зависи од категоријата на студентскиот дом.
Од вкупниот број места, 699 се наменети за идните бруцоши, додека 2.799 легла се предвидени за студенти од втора до шеста година и за апсолвенти.
Најголем капацитет има студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје со 1.216 легла, а во реконструираните објекти на „Стив Наумов“ се обезбедени 1.014 места.
Реконструираниот дел од „Стив Наумов“ е категоризиран како студентски дом од Тип 1. Вкупната цена за сместување и исхрана изнесува 11.000 денари месечно, при што МОН субвенционира 4.400 денари, а студентите плаќаат 6.600 денари.
Во студентските домови од Тип 2, вкупната цена е 6.820 денари месечно, при што Министерството и студентите учествуваат со по 3.410 денари. Истата државна субвенција е обезбедена и за студентите кои ќе бидат сместени во приватните студентски домови со кои МОН има склучено договор.
Покрај домовите „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“, конкурсот ги опфаќа и „Кочо Рацин“ во Битола, студентскиот дом во Тетово, како и приватните домови „Хилјадников“ и „Логос“ во Штип.
Поради реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев“, студентите во Охрид ќе бидат сместени во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи, додека студентите од домот „Браќа Миладиновци“ во Штип ќе бидат сместени во поранешниот приватен студентски дом „ОАЗА“.
Студентите од втора и повисоките години можат да поднесат електронска пријава до 31 јули, додека пријавувањето за бруцошите ќе трае од 14 до 20 септември. Секој кандидат може да аплицира само за еден студентски дом, а нецелосните пријави нема да бидат разгледувани.
Според конкурсот, 40 проценти од расположливите места се резервирани за студенти од семејства со пониски приходи и други ранливи категории, 25 проценти за студенти со особено висок успех, а преостанатите 35 проценти за останатите редовни студенти кои ги исполнуваат условите.










