Македонија ја очекува уште еден исклучително топол летен ден, со сончево време и мала локална облачност, покажува најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, додека утринските температури ќе се движат од 10 степени во Берово до 19 степени во Гевгелија.
Максималните дневни температури ќе бидат од 31 степен во Маврово до 40 степени во Гевгелија, која повторно ќе биде најтоплиот град во земјата.
Во Скопје времето ќе биде сончево и многу топло, со слаб променлив ветер. Утринската температура ќе биде околу 17 степени, а во текот на денот ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според прогнозата на УХМР, топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови. Во среда повторно се очекуваат температури до 40 степени, а и во четврток ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен североисточен ветер.
Поради високите температури, надлежните препорачуваат да се избегнува престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот, да се внесуваат доволно течности и посебно да се внимава на децата, повозрасните лица и хронично болните.








