ПРВ.мк
Македонија

Пена во Вардар крена тревога – инспекции и дронови на терен

Пена во Вардар крена тревога – инспекции и дронови на терен

По објавите на социјалните мрежи за појава на сомнителна пена во реката Вардар, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека градските служби веднаш реагирале по добиената пријава.

Според него, пред околу час и половина до Град Скопје била доставена информација за непозната материја која од реката Лепенец се влевала во Вардар, по што инспекциските служби веднаш излегле на терен.

Покрај инспекторите на Град Скопје, биле известени и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така започнале увид на локацијата.

За полесно утврдување на можниот извор на загадувањето, градските служби употребиле дрон, додека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ земале примероци од водата за лабораториска анализа и утврдување на составот на непознатата материја.

Ѓорѓиевски посочи дека е во постојана комуникација со Министерството за животна средина и изрази очекување дека причинителот на појавата наскоро ќе биде откриен.

„Толеранција нема да има за никого. Веднаш штом добиеме подетални информации од надлежното Министерство, јавноста ќе биде информирана“, порача градоначалникот.

Надлежните институции продолжуваат со испитувањата, а резултатите од анализите треба да покажат за каква материја станува збор и дали има евентуално загадување на реката Вардар.