ПРВ.мк
Македонија

Деца на електрични тротинети предизвикаа несреќа: Ќе има ли одговорност за родителите?

Деца на електрични тротинети предизвикаа несреќа: Ќе има ли одговорност за родителите?

И покрај забраната малолетници да управуваат со електрични тротинети, токму деца биле дел од сообраќајна несреќа што викендов се случила во Скопје, при што две 15-годишни момчиња биле повредени.

Несреќата била пријавена во полиција во саботата попладне, околу 16 часот, а се случила на крстосницата меѓу улиците „Ќемал Сејфула“ и „Павле Илиќ“.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во сообраќајката учествувале патничко возило „југо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 71-годишниот Е.Б. од Скопје, како и два електрични тротинети со кои управувале двајца 15-годишници.

По ударот, двајцата малолетници биле повредени. Кај едниот биле констатирани тешки телесни повреди, додека другиот се здобил со телесни повреди. Тие биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана медицинска помош.

Засега нема информации дали децата носеле заштитни кациги во моментот на несреќата, што дополнително отвора прашања за безбедноста при користење на електрични тротинети.

Случајот повторно го актуелизира прашањето за почитување на законските правила, бидејќи управувањето со електрични тротинети од страна на малолетници е забрането.

Дополнително, останува неизвесно дали за овој случај ќе има последици за родителите на малолетниците, како и дали ќе бидат преземени мерки во однос на самите тротинети.

Надлежните треба дополнително да ги утврдат сите околности околу несреќата – како дошло до судирот, дали биле прекршени сообраќајните правила и кој сноси одговорност за учеството на малолетните лица во сообраќајот.