Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на Светите Козма и Дамјан, браќата кои во христијанската традиција се познати како „Свети лекари“ и заштитници на медицинската професија.
Според преданијата, Козма и Дамјан биле лекари кои својот живот го посветиле на помагање на болните. Тие лекувале без да бараат материјална награда или каква било корист за себе, туку, како што се наведува во црковните преданија, тоа го правеле од вера и љубов кон луѓето.
Токму поради нивната несебичност и посветеност, многу здравствени установи ги почитуваат како свои заштитници. Иако празникот не се одбележува со црвена буква во православниот календар и не е задолжителен пост, тој има големо значење меѓу верниците.
Според легендата, светите браќа не правеле разлика меѓу луѓето што им се обраќале за помош – ги лекувале сите, без оглед на нивната вера, потекло или припадност. Единственото што го барале од оние на кои им помагале било да не го изговараат напразно името Христово.
Народните верувања велат дека овој ден е посебно погоден за молитва за здравје, исцелување и благослов за најблиските. Многу верници упатуваат молитви кон Светите Козма и Дамјан со надеж за сила, закрепнување и заштита од болести.
Во некои места постои и верување дека на овој ден е добро човек да биде посветен на своите обврски и работата, но и да избегнува непотребни заминувања од домот.
Поради тоа што Светите Козма и Дамјан целиот свој живот го посветиле на лекување и помагање на луѓето, верниците традиционално упатуваат молитва за здравје и благосостојба.
Молитвата кон Светите Козма и Дамјан гласи:
„Кон вас, свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјане, како кон брзи помошници и топли молитвеници за нашето спасение, ние недостојните (имињата), клекнувајќи на колена, прибегнуваме и припаѓајќи усрдно повикуваме: Не презирајте ги молењата од нас грешните, немоќните, кои паднавме во многу беззаконија, и кои во секој час и ден грешиме.
Умолете Го Господа, да ни даде, нам недостојните Негови чеда, од Својата богата милост: избавете нѐ од секоја мака и болест, бидејќи вие примивте од Бога и Спасителот наш Исус Христос непотрошлива благодат за исцелување, поради цврстата вера, бесплатното лечење и вашата маченичка смрт.
Да, угодници Божји, не престанувајте да се молите за нас, кои со вера кон вас итаат, и помогнете ни да принесеме плодови достојни за покајание, за да го достигнеме вечниот покој, славејќи го Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.“
На овој ден именден празнуваат сите кои ги носат имињата: Кузман, Кузе, Дамјан, Даме и други имиња поврзани со светите браќа. Нека им е честит именденот на сите што го слават овој празник.









