ПРВ.мк
Македонија

Денес го славиме Свети Антониј Велики – таткото на монаштвото и човекот што им одолеа на најтешките искушенија!

Денес го славиме Свети Антониј Велики – таткото на монаштвото и човекот што им одолеа на најтешките искушенија!
Kristal

Православните верници денес го чествуваат споменот на Свети Антониј Велики, еден од најзначајните светители во историјата на христијанството, личност чие име со векови се поврзува со духовната борба, подвигот и победата над искушенијата. Неговиот живот и подвизи се тесно поврзани со една од најпознатите и највпечатливи теми во христијанската уметност и духовна мисла – искушенијата на Свети Антониј.

Преподобниот Антониј Велики е роден во 251 година во селото Коми, во близина на Хераклеопол во Горен Египет, во богато и угледно семејство. Неговото детство минало во благосостојба, но животот драматично се променил кога на 18-годишна возраст ги загубил своите родители. Откако го наследил целокупниот имот, Антониј донел радикална одлука – целото богатство го разделил на сиромашните, а својата сестра ја доверил на заедница на христијански девици, грижејќи се таа да биде заштитена и згрижена.

По ова, Антониј целосно се повлекол од световниот живот и заминал во пустината, каде што поминал повеќе од осумдесет години во строга аскеза, молитва и духовна борба. Поради ваквиот подвиг, тој се смета за татко на пустината и основоположник на христијанското монаштво, пример по кој подоцна ќе се водат безброј монаси и подвижници.

Во првите години од својот пустински живот, Свети Антониј живеел осамен, дури и во гробница во близина на родното село. Деновите ги минувал во обработка на дрво, постојана молитва и длабоко размислување за Светото писмо. Со текот на времето, тој постојано ги поместувал границите на својот аскетизам – секогаш кога ќе почувствувал дека достигнал одредено духовно ниво, си поставувал уште потежок подвиг.

Контактот со луѓето го сведувал на минимум. Ги гледал само кога му носеле леб и сол во замена за неговите ракотворби или кога одел на литургија. Сепак, неговата духовна борба била далеку од тивка и лесна.

Самиот Антониј често зборувал за жестоката борба со демонските искушенија. Најпрвин бил напаѓан со мисли дека неговото напуштање на светот и богатството е залудно и бесмислено. Потоа го измачувала совеста за сестра му, плашејќи се дека ја оставил без потпора и утеха. Особено тешка била телесната похота, која, според преданието, била толку силна што не можел целосно да ја скрие од другите.

На сите овие искушенија, Свети Антониј се спротивставувал со уште построг пост, долги молитви, бдение и физичка исцрпеност, убеден дека духовната победа доаѓа преку истрајност и смирение.

Според христијанската црковна традиција, кулминацијата на оваа борба се случила кога ѓаволот му се појавил во облик на мало црно момче и понизно му рекол: „Ме победи“. Со ова, тој се обидел да го наведе Антониј да ја припише победата на себе и да падне во гревот на гордоста. Свети Антониј го прашал кој е, а тој одговорил дека е дух на блуд кој многумина ги соборил, но дека Антониј единствен успеал да ги „скрши сите негови стрели“.

На тоа, според преданието, Свети Антониј му возвратил: „Бог ти дозволи да ми се појавиш црн – за да ја откриеш темнината на твоите зли мисли, а како момче – за да ја покажеш твојата слабост. Затоа си достоен за секаков презир“. По овие зборови, ѓаволот исчезнал и никогаш повеќе не се вратил.

Овие сцени од животот на Свети Антониј Велики со векови ги инспирирале најголемите христијански уметници, сликари и мислители. Искушенијата на Свети Антониј не се само историски наратив, туку силна метафора за внатрешните борби на секој човек кој се стреми кон духовен и морален идеал, и денес, во современиот свет.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape