Управата за јавни приходи ја објави најновата Листа на должници бр. 09/2026, на која се најдоа вкупно 5.240 даночни обврзници со неплатени обврски кон државата од над 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.
Од вкупниот број должници, 2.008 се правни лица, додека 3.232 се физички лица.
Во споредба со претходниот месец, зголемен е и бројот на должници и вкупниот износ на неплатени обврски. На листата има дополнителни две фирми и 38 физички лица, додека долгот е зголемен за околу 7,3 милиони евра.
Најголемиот дел од неплатените обврски се однесува на даноци и придонеси. По оваа основа долгот изнесува 13,46 милијарди денари, односно околу 218,8 милиони евра.
Кај царинските давачки, пак, е забележано намалување. Долгот за еден месец е намален за околу 194.700 евра и сега изнесува приближно 2,98 милиони евра.
Листата ги опфаќа долговите што требало да бидат платени до 31 мај 2026 година, а не биле подмирени ниту до 31 август. Станува збор за обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата се објавуваат физички лица и самостојни вршители на дејност чиј долг е повисок од 120.000 денари, како и правни лица со долг над 300.000 денари.






