Финансиската полиција поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека во периодот од 2022 до 2024 година со незаконски дејствија намерно довеле едно правно лице во состојба на трајна неликвидност и стечај.
Според Управата за финансиска полиција, првопријавениот Ѓ.З., како управител и сопственик на компанијата, заедно со второпријавениот А.С., дејствувале со однапред утврдена намера да создадат привидна финансиска немоќ и економска пропаст на друштвото.
Во тој период, тие склучувале штетни договори и префрлале парични средства и друг имот на лица блиски до првопријавениот, без реален правен или економски основ. Дополнително, управителот продавал движен и недвижен имот на компанијата по цени значително пониски од пазарните, без економска оправданост и на штета на друштвото и неговите доверители.
Со ваквите постапки, систематски ги извлекувале средствата од компанијата, ја намалиле вредноста на нејзиниот имот и ја оневозможиле наплатата на побарувањата на доверителите. Како последица, компанијата завршила во трајна неликвидност, по што била отворена стечајна постапка.
Од Финансиската полиција информираат дека со овие дејствија доверителите биле оштетени за 13.268.816 денари, додека осомничените и лица во нивна роднинска врска стекнале противправна имотна корист од 73.538.152 денари.







