ПРВ.мк
Балкан

Инстант плаќања стануваат реалност: Еве што ќе се промени

Инстант плаќања стануваат реалност: Еве што ќе се промени

Црна Гора е пред воведување на национален систем за инстант плаќања, со кој граѓаните и компаниите ќе можат да префрлаат средства за само неколку секунди, без разлика на денот или времето.

Со предложените измени на Законот за платен промет се создаваат услови за почеток на работата на системот TIPS Clone, чиј старт е планиран за 20 јули, доколку измените бидат усвоени во Собранието.

Од Централната банка на Црна Гора соопштија дека техничките, инфраструктурните и оперативните подготовки се веќе завршени, а останува да се комплетира законската рамка.

Новиот систем ќе овозможи средствата да бидат префрлени на сметката на примачот најдоцна 10 секунди по поднесувањето на налогот. Доколку во тој рок не биде потврдена успешната реализација на трансакцијата, банката ќе биде должна веднаш да ги врати средствата на испраќачот.

Една од најзначајните новини е задолжителната проверка на примачот. Пред извршување на плаќањето, банката ќе проверува дали името на примачот се совпаѓа со внесениот IBAN. Ако има несогласување, корисникот ќе добие предупредување пред да ја потврди трансакцијата. Оваа услуга ќе биде бесплатна, а банките што нема да ја применуваат може да се соочат со казни од 10.000 до 40.000 евра.

Законот предвидува и можност корисниците сами да постават максимален износ за инстант трансфери, додека банките нема да смеат да наплаќаат повисоки провизии од оние што важат за стандардните кредитни трансфери.

Од Министерството за финансии очекуваат новиот систем да придонесе за побрзи, побезбедни и поефикасни плаќања, како и за развој на нови дигитални услуги, меѓу кои плаќање преку QR-код и услугата „request to pay“, во согласност со европските стандарди.