Синдикатот на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) очекува уште со јулската плата да биде реализирано зголемување на примањата за сите вработени во институцијата.
Синдикалниот лидер Васе Неданоски изјави дека денеска треба да биде комплетиран анексот на Колективниот договор, со кој, како што вели, ќе се исправи долгогодишна неправда и ќе им се овозможи на вработените да ги добијат законски предвидените покачувања.
Според барањата, вработените очекуваат седум проценти зголемување на платите, како и усогласување со растот на минималната плата, што би значело дополнително покачување од околу 1.600 денари.
Неданоски изрази оптимизам дека раководството на УЈП ќе ги прифати барањата, но предупреди дека доколку не се постигне договор, синдикатот ќе ги искористи сите законски и демократски механизми за заштита на правата на вработените, вклучително и можноста за штрајк.
Барањата се однесуваат на околу 1.000 вработени во Управата за јавни приходи.
Ова прашање повторно се актуализира откако, според синдикатот, во пресрет на најавениот протест вработените добиле електронска порака со предупредување дека учеството на протест може да резултира со дисциплинска постапка. Од синдикатот тврдат дека пораката била потпишана од директорката на УЈП, Елена Петрова.
Потсетуваат дека и во 2023 година вработените организираа протести и штрајкови барајќи зголемување на платите од 30 проценти, но една година подоцна добија покачување од 10 проценти.







