Епидемиологот Драган Даниловски смета дека информациите за досега регистрираните случаи на Западнонилска треска во Македонија можат лесно да бидат погрешно протолкувани од јавноста доколку не се објасни поширокиот контекст.
Во објава на социјалните мрежи, тој посочува дека фактот што сите осум официјално потврдени случаи биле со тешка, невроинвазивна форма на болеста не значи дека вирусот кај сите заразени предизвикува сериозни последици, ниту дека станал поопасен.
Според Даниловски, во здравствената статистика најчесто се евидентираат само пациентите со најтешка клиничка слика, додека голем број заразени никогаш не влегуваат во официјалните податоци бидејќи немаат никакви симптоми или имаат лесна форма на заболувањето и не бараат медицинска помош.
Тој предупредува дека без вакво дополнително појаснување може да се создаде погрешен впечаток дека секоја инфекција со вирусот на Западнонилска треска завршува со тешка болест, што, како што нагласува, не е точно.
Даниловски потенцира дека достапните податоци не укажуваат на тоа дека вирусот претрпел промени или станал поагресивен, туку дека официјалните бројки најчесто ги опфаќаат само најтешките случаи, додека вистинскиот број на заразени е значително поголем.







