ПРВ.мк
Македонија

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Дизелот поевтин за 7 денари?

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Дизелот поевтин за 7 денари?

Возачите во Македонија денеска со нетрпение ја очекуваат одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да го утврди новиот ценовник на горивата. Според најавите и движењата на светските пазари, можно е да следува значително намалување на цените, особено кај дизелот.

Причина за очекуваното поевтинување е падот на цената на суровата нафта на светските берзи, како и сигналите за смирување на геополитичките тензии на Блискиот Исток, кои во изминатиот период беа меѓу главните фактори за растот на цените на енергенсите.

Според првичните проценки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека цената на дизелот би можела да се намали и до седум денари. Доколку овие најави се реализираат, тоа ќе биде едно од поголемите намалувања на цените во последниот период.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува Регулаторната комисија да донесе одлука за намалување на цените, потсетувајќи дека во изминатите месеци граѓаните се соочуваа со неколку последователни поскапувања, предизвикани од нестабилноста на глобалниот пазар на нафта.

Конечната одлука ќе биде донесена по денешната седница на Регулаторната комисија за енергетика. Новите малопродажни цени на бензините и дизелот ќе бидат објавени во текот на попладневните часови, по што ќе стане јасно дали најавеното поевтинување ќе стапи во сила и колкаво ќе биде намалувањето за секој вид гориво.