Поранешен директор на ученички дом во Крива Паланка се соочува со кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Станува збор за 66-годишно лице од Крива Паланка, против кое постапила Надворешната канцеларија за криминалистички работи.
Според информациите од МВР, додека ја извршувал функцијата директор на ученичкиот дом „Боро Менков“, пријавениот во текот на 2024 година евидентирал прекувремена работа и во период кога бил на годишен одмор. Станува збор за вкупно 63 часа надвор од редовното работно време, кои биле пресметани и исплатени.
Со ова, како што наведуваат надлежните, се стекнал со противправна имотна корист во износ од 23.945 денари, на штета на буџетот на установата.
По целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава, а надлежните институции ќе ја продолжат постапката за утврдување на одговорноста.










