Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, ќе ја напушти притворската единица во Шутка и ќе се брани од слобода, откако судот прифати гаранција обезбедена со хипотека на недвижен имот.
По речиси една година помината во притвор, одлуката доаѓа по предлог на одбраната и позитивно мислење од Јавното обвинителство, по што Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го прифатил барањето за укинување на мерката притвор.
За Васев е определена гаранција во износ од 183.981 евра, која е обезбедена преку ставање хипотека на недвижен имот во корист на државата. Слична одлука е донесена и за второобвинетиот во истиот предмет, со повисока гаранција.
Како дополнителни мерки на претпазливост, судот одредил забрана за напуштање на град Скопје, обврска за редовно месечно јавување во судот, како и привремено одземање на патните исправи и забрана за нивно издавање.
Од судот информираат дека одлуката станала правосилна откако обвинителството се откажало од жалба, а хипотеката веќе е запишана во Катастарот на недвижности.
Со ова, Васев официјално го напушта притворот, додека судскиот процес против него продолжува.









