Македонија во петок започнува преговори со Европската Унија за приклучување кон режимот „роаминг како дома“, што би можело значително да го олесни користењето на мобилните услуги за граѓаните при патување во земјите од ЕУ.
Доколку процесот биде успешно завршен, македонските граѓани би можеле да користат повици, СМС и мобилен интернет во ЕУ по исти услови како во домашната мрежа, без дополнителни трошоци за роаминг.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека на 12 јуни ќе се одржи состанок меѓу министрите од Западен Балкан и претставници на Европската комисија, каде ќе се дефинираат следните чекори во процесот.
Иницијативата ги опфаќа земјите од Западен Балкан и предвидува постепена интеграција во европскиот дигитален пазар. Идејата е истите правила да важат и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во регионот.
Според надлежните, голем дел од потребните законски измени веќе се завршени, а очекувањата се дека преговорите би можеле да завршат во текот на годинава. Македонија би можела да биде меѓу првите земји во регионот што ќе го воведат системот, потенцијално од почетокот на 2027 година.









