Силното невреме што го зафати Скопје предизвика сериозни проблеми и на Клиниката за онкологија, каде што беше поплавен долниот кат на објектот во кој се изведуваат третманите со радиотерапија за пациентите со малигни заболувања.
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, потврди дека веднаш по настанот биле исклучени сите апарати за радиотерапија, со што, како што посочи, била спречена каква било поголема опасност. Тој нагласи дека установата е во постојана комуникација со Агенцијата за радијациона сигурност и увери дека ниту еден пациент не е изложен на ризик.
Според информации од присутни пациенти, поради навлегувањето на водата во ходниците биле поставени ќебиња и чаршафи за да се впие водата и да се олесни санацијата на просториите. Дел од пациентите сведочат и дека настанала вознемиреност, при што еден пациент реагирал бурно и се заканувал кон дел од медицинскиот персонал.
Во јавноста се појавија информации дека во моментот на поплавата една пациентка се наоѓала на третман со јод, но директорот повтори дека сите процедури се следат согласно безбедносните протоколи и дека нема опасност по пациентите.
Засега не е познато колкава е материјалната штета, а надлежните служби работат на целосно санирање на последиците од поплавата и утврдување на причините за инцидентот.







