ПРВ.мк
Македонија

Клековски: Реформа на Итната помош со 150 нови возила и современ систем

Клековски: Реформа на Итната помош со 150 нови возила и современ систем

Министерот за здравство Сашо Клековски оствари средба со претставници на Европското и Македонското здружение за ургентна медицина, на која ги претстави клучните чекори од планираната реформа на Итната медицинска помош во земјава.

На средбата учествуваа претседателот на Европското здружение за ургентна медицина – EUSEM, д-р Роберт Лич, и претседателката на Македонското здружение за ургентна медицина – МЗУМ 2025, д-р Весна Крстевска.

Клековски најави повеќе значајни промени во организацијата на итната медицинска помош, меѓу кои издвојување на ИМП Скопје од Здравствен дом Скопје во посебна организациска единица и воведување систем заснован на парамедици.

Еден од поголемите чекори во реформата е обновувањето на возниот парк. Предвидена е набавка на 100 нови возила, а во следната фаза и дополнителни 50 возила за потребите на итната медицинска помош.

Планирана е и реорганизација на Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Министерството ги анализира и европските модели на организација на ургентната медицина, меѓу кои словенечкиот модел со национален диспечерски центар и романскиот систем со специјализирани ургентни служби.

Во рамки на реформата се разгледуваат и решенија за подрачјата кои досега не се целосно опфатени со системот, вклучително и планинското спасување.

Европското здружение за ургентна медицина понудило соработка и експертска поддршка во процесот, а на средбата било поздравено и основањето на Македонското здружение за ургентна медицина.

Клековски нагласи дека унапредувањето на овој сегмент од здравството е еден од важните приоритети.

„Ургентната медицина е првата линија на здравствениот систем и таму реформите се мерат со спасени животи“, порача Клековски.