ПРВ.мк
Македонија

Колапс на патот кон Стража: Колоните се подолги отколку на грчка граница!

Колапс на патот кон Стража: Колоните се подолги отколку на грчка граница!

Попладнево се создадоа огромни сообраќајни колони на патниот правец Гостивар – Стража, каде што возачите чекаат речиси еден час за да поминат низ семафорот. Според сведочењата на граѓаните, метежот е толку голем што, како што велат, чекањето е подолго отколку на некои гранични премини во екот на туристичката сезона.

Револтирани возачи велат дека повеќемина ја пријавиле состојбата во полиција и побарале интервенција за регулирање на сообраќајот. Од таму, како што тврдат, добиле уверување дека ќе биде испратена полициска екипа, но до моментот кога биле направени фотографиите, полиција сè уште немало на терен.

Според граѓаните, ваквите гужви не се исклучок, туку редовна појава секој петок попладне и во недела, кога илјадници возила се движат кон туристичките центри или се враќаат дома по викендот.

Возачите апелираат до надлежните институции да обезбедат постојано полициско присуство во најкритичните термини, со цел побрзо регулирање на сообраќајот и намалување на долгите колони.

Тие предупредуваат дека доколку не се преземат конкретни мерки, ваквите сообраќајни колапси ќе продолжат и во текот на летната сезона, кога бројот на возила на овој патен правец дополнително се зголемува.