ПРВ.мк
Македонија

Македонец донел зика вирус од Малдиви: ИЈЗ го потврди првиот случај!

Македонец донел зика вирус од Малдиви: ИЈЗ го потврди првиот случај!

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го потврди првиот регистриран случај на зика вирусна инфекција во Македонија. Станува збор за македонски државјанин кој најверојатно се заразил за време на престој на Малдиви, каде бил каснат од комарец.

Според информациите од ИЈЗ, лицето престојувало на Малдивите од 20 до 28 мај, а првите симптоми се појавиле уште за време на патувањето. Пациентот почувствувал треска, болки во мускулите и зглобовите, лесно покачена телесна температура, а неколку дена подоцна му се појавил и осип по телото.

По враќањето во Македонија биле извршени лабораториски анализи во Одделението за вирусологија при Институтот за јавно здравје, со кои било потврдено присуство на зика вирус.

Од ИЈЗ информираат дека пациентот не бил хоспитализиран и е испратен на домашно лекување. Во моментов неговата здравствена состојба е стабилна и се чувствува добро.

Здравствените власти нагласуваат дека станува збор за увезен случај и дека ризикот за ширење на вирусот во Македонија засега е низок. Сепак, поради зголемениот број патувања кон тропски земји како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и државите од Карипскиот регион, не се исклучува можноста да се појават и нови увезени случаи.

Од Институтот апелираат до граѓаните кои патуваат во тропски предели да користат средства за заштита од убоди од комарци, да носат соодветна облека и да ги следат препораките на здравствените власти за да го намалат ризикот од инфекција.