ПРВ.мк
Македонија

БСЖ-ВАКЦИНАТА ПОД ЛУПА: Доктор Даниловски открива на што родителите треба да внимаваат по вакцинацијата!

БСЖ-ВАКЦИНАТА ПОД ЛУПА: Доктор Даниловски открива на што родителите треба да внимаваат по вакцинацијата!

Привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија претставува мерка на претпазливост додека се проверува безбедносниот сигнал што беше регистриран во Хрватска. Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски појаснува дека ваквата одлука не значи дека е докажано оти постои проблем со самата вакцина, туку дека надлежните институции треба дополнително да ги испитаат сите околности.

Во своја објава на Фејсбук, Даниловски ги објаснува последните информации поврзани со БСЖ-вакцината и посочува што е важно да знаат родителите.

Според него, во текот на 2026 година во Хрватска биле пријавени четири сомнителни случаи на BCG-остеитис, односно остеомиелитис – специфично воспаление на коските кај мали деца кои биле вакцинирани во текот на 2024 и на почетокот на 2025 година.

Станува збор за позната, но исклучително ретка несакана реакција која може да се поврзе со БСЖ-вакцинацијата. Она што го привлекло вниманието на здравствените власти во Хрватска е тоа што биле регистрирани четири сомнителни случаи во релативно краток период, особено ако се има предвид дека во претходните десетина години во земјата немало евидентиран ваков случај.

Сомневањата во Хрватска се поврзани со две конкретни серии на вакцината, означени со броевите 807-1 и 683-1. Поради тоа, како превентивна мерка, примената на вакцините од конкретниот производител била привремено прекината додека траат дополнителните проверки.

Даниловски посочува дека е многу важно да се разликуваат три работи – пријавена несакана реакција, безбедносен сигнал и докажана причинско-последична врска.

Според неговото објаснување, самото пријавување на случајот не докажува дека вакцината ја предизвикала реакцијата. Пријавата отвора прашање, безбедносниот сигнал укажува дека е потребна детална истрага, а конечен заклучок може да се донесе дури по анализа на сите достапни докази.

Случајот е од значење и за Македонија, бидејќи во земјава се користи БСЖ-вакцина од истиот бугарски производител, BB-NCIPD.

По добиените информации од Хрватска, Комисијата за имунизација побарала од МАЛМЕД податоци за сериите на БСЖ-вакцината што се користат во Македонија. Врз основа на информациите со кои располагала во тој момент, било одлучено БСЖ-имунизацијата привремено да се одложи додека не се добијат целосни податоци за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со пријавените несакани реакции.

Даниловски ја оценува оваа постапка како разумна мерка на претпазливост во актуелната ситуација.

Тој истовремено посочува дека, според информациите од Министерството за здравство, во Македонија во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација.

Станувало збор за случај регистриран во август 2022 година, кога било пријавено појавување на апсцес на местото на апликација. Според Даниловски, станува збор за реакција која е позната и е наведена во упатството за вакцината.

Досега објавените информации не укажуваат дека во Македонија е регистриран безбедносен сигнал сличен на оној што моментално се испитува во Хрватска.

Даниловски нагласува дека БСЖ-вакцината има долга историја на употреба и значајна улога во заштитата на најмалите деца од тешки форми на туберкулоза. Меѓу нив се милијарната туберкулоза и туберкулозниот менингитис, форми на заболувањето кои можат да имаат сериозни последици.

Тој потсетува и дека туберкулозата сè уште е присутна во Македонија. Според податоците што ги пренесува од Министерството за здравство, во Институтот за ТБЦ моментално има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 биле регистрирани во текот на оваа година.

Во Детската болница „Козле“, пак, во текот на 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година досега биле регистрирани 12 нови случаи.

Посебно внимание Даниловски им посветува на родителите чии деца веќе ја примиле БСЖ-вакцината. Тој посочува дека доколку детето се чувствува добро и нема симптоми, нема потреба од превентивно снимање, лабораториски анализи или други дијагностички испитувања само поради примена на вакцината.

Сепак, родителите треба да обрнат внимание на одредени симптоми. Доколку се појави подолготраен или постепен оток во пределот на коска или зглоб, болка и чувствителност, ограничено движење, куцање или одбивање на детето да се потпре на раката или ногата, потребно е да се побара лекарски преглед.

Во таква ситуација, родителите треба да го информираат педијатарот дека детето претходно примило БСЖ-вакцина, за лекарот да има целосна информација при проценката на состојбата.

Даниловски нагласува дека во овој момент најважни се информираноста на родителите и вообичаеното следење на здравствената состојба на детето.

Актуелната постапка, според него, не претставува оспорување на БСЖ-вакцината како таква, туку има за цел детално да се испита конкретниот безбедносен сигнал што се појавил во Хрватска.

Следниот важен чекор ќе биде транспарентно објавување на резултатите од проверките. Треба да се утврди дали сериите на вакцината што се користат во Македонија се поврзани со сериите за кои постојат сомневања во Хрватска, како и каква одлука ќе биде донесена откако ќе бидат анализирани сите добиени податоци.

Најнови вести