Вистинска опасност од минатото беше откриена во Битола, откако на локацијата „Тумбе кафе“, во рамки на поранешната касарна, беа пронајдени повеќе од 1.400 парчиња неексплодирани бомби и гранати кои потекнуваат од периодот на Првата светска војна.
Од СВР Битола информираат дека случајот бил пријавен од пиротехничар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Битола, кој заедно со екипите извршил безбедно подигнување на пронајденото експлозивно количество.
Според официјалните податоци, станува збор за различни видови експлозивни средства, и тоа:
- 540 минофрлачки гранати;
- 371 рачна бомба;
- 532 тромблонски гранати.
Сите пронајдени средства датираат од Првата светска војна, период во кој Битола и нејзината околина биле едно од најзначајните воени подрачја на Балканот, поради што и денес повремено се открива стара муниција при ископувања и градежни активности.
Од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола информираат дека активностите за пребарување и отстранување на вакви материјали привремено ќе бидат прекинати.
Причина за прекинот се високите дневни температури, неповолните временски услови, но и недостигот на дополнителен кадар. Се очекува работите да продолжат во септември, кога треба да биде ангажиран уште еден пиротехничар кој ќе му се придружи на единствениот специјалист кој моментално работи во овој регион.
Надлежните служби апелираат граѓаните да не се приближуваат до локацијата каде што биле пронајдени експлозивните средства. Местото во моментов е целосно обезбедено и движењето на лица таму е строго забрането поради можната опасност.
Акцијата за пребарување на теренот ќе продолжи во наредниот период, со цел да се откријат и отстранат сите останати неексплодирани средства кои можеби сè уште се наоѓаат под земја.






