Проектот „Безбеден град“ веќе покажува значајни резултати во подобрувањето на сообраќајната безбедност, а бројот на регистрирани прекршоци драстично се намалил по неговото воведување, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.
Тој посочи дека системот, кој започнал со пробна примена на 1 декември минатата година, уште во првите 24 часа регистрирал околу 110.000 сообраќајни прекршоци. Според него, повеќе од 90 проценти од нив се однесувале на пречекорување на дозволената брзина, додека биле евидентирани и околу 5.000 поминувања на црвено светло, како и приближно 1.000 нерегистрирани возила.
Велјановски нагласи дека веќе следниот ден бројот на прекршоците значително се намалил, а до почетокот на целосната примена на системот, на 1 февруари годинава, дневно биле регистрирани околу 500 до 600 прекршоци. Според него, тоа претставува намалување од повеќе од 99 проценти во однос на првиот ден од тестирањето.
Тој истакна дека главната цел на проектот не е изрекување казни, туку превенција и намалување на бројот на тешки сообраќајни несреќи, со крајна цел до 2030 година значително да се намалат смртните случаи и тешките повреди на македонските патишта.
Според Велјановски, системот најпрво бил имплементиран во Скопје, Тетово, Куманово и долж коридорите 8 и 10, а потоа бил проширен и во Велес. Дополнително, минатата недела биле поставени камери и на автопатот кај Ново Село во општина Дебарца, додека паралелно започнало и воведувањето на системот во Охрид.
Повикувајќи се на податоците од првите пет месеци од функционирањето на „Безбеден град“, Велјановски рече дека бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 40 проценти – од 55 лица во истиот период минатата година на 33 оваа година.
Тој оцени дека овие резултати покажуваат оти проектот ја исполнува својата основна цел – да придонесе за поголема безбедност во сообраќајот и да спаси човечки животи. Најави дека Владата ќе продолжи со проширување на системот и со инвестиции во современи технологии, нагласувајќи дека безбедноста на граѓаните останува меѓу главните приоритети.







