Министерството за надворешни работи на Бугарија жестоко реагираше по повод повикот на нивниот амбасадор во Скопје, Жељаско Радуков, во македонското МНР. Како што посочуваат од Софија, повикот е резултат на, како што велат, „навредливи, неприфатливи и непријателски изјави“ од македонски политичари, кои според бугарското МНР, покажуваат длабока непочит кон Бугарија.
Повод за повикот беше користењето на придавката „северномакедонски“ од страна на бугарскиот пратеник Георг Георгиев при обраќањето кон премиерот Христијан Мицкоски. Бугарското МНР изрази изненадување поради повикот на амбасадорот, посочувајќи дека во последните месеци македонските владини претставници често испраќаат „непријателски пораки и постапки“.
Од Софија нагласуваат дека е неприфатливо земја која редовно обезбедува реална и несебична помош – како што наведуваат, вклучувајќи ја и неодамнешната интервенција на бугарски пожарникари во Крива Паланка за гасење пожари – да биде третирана како „непријателска“.
Од друга страна, македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија остро ги осуди изјавите на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, кои ги нарече навредливи кон премиерот Мицкоски и македонските институции. Во знак на протест, МНР вчера повика на разговор бугарскиот амбасадор Радуков и му пренесе официјален протест, истакнувајќи ја несоодветноста на јавниот дискурс од висок функционер на бугарската влада.
Во официјалното соопштение на македонското МНР се нагласува дека изјавите во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, се директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Овие изјави, додаваат, не помагаат во унапредување на добрососедските односи и се спротивни на духот на конструктивен дијалог и взаемно почитување што треба да го карактеризира соработката меѓу двете земји.
Георг Георгиев, во своето гостување на бугарската ТВ БТВ, изјави дека со отстранувањето на терминот „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент, тие успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на, како што го нарече, „северномакедонскиот“ премиер Мицкоски. Тој додаде дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар за да ги оправда неисполнетите ветувања пред своите граѓани, кои, според Георгиев, ги излажал.