Дискотеката „Пулс“ во Кочани започнала со работа иако не ги исполнувала минималните технички услови за функционирање, беше соопштено на денешното рочиште од судењето за трагичниот пожар во кој загинаа 63 лица.
Обвинителството презентираше докази обезбедени од Министерството за економија и труд, кои, според обвинителите, покажуваат дека објектот започнал да работи и покрај тоа што не ги исполнувал законските услови.
Презентацијата на доказите ја започна обвинителката Наташа Сарамандова, но беше прекината откако одбраната побара нејзино изземање, обвинувајќи ја за пристрасно постапување при изведувањето на доказите. За барањето ќе одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески, а со презентирањето на доказите продолжи друг обвинител.
По оваа одлука, родителите на загинатите во знак на револт ја напуштија судницата во КПУ Идризово.
„Наташа Сарамандова е нашата надеж дека вистината ќе биде откриена. Ако ја изземат, мислам дека не треба ни да постои судење“, изјави Јулија Златкова, мајка на еден од загинатите.
Претставникот на семејствата, Александар Наунов, оцени дека наместо фокусот да биде на доказите, сè повеќе вниманието се пренасочува кон процедурите.
На почетокот на рочиштето, Судот информираше дека се запира постапката против еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, поради неговата смрт.
Следното рочиште е закажано за 1 јули, кога Обвинителството ќе презентира докази од Државниот пазарен инспекторат и листинзи од телефонски комуникации.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави една од најтешките несреќи во поновата историја на Македонија.







